Свет УНФПА

Напредок на сексуалните и репродуктивните права во Европа, но на милиони луѓе сè уште им се ускратени

Со оглед на тоа што многу држави во регионот се соочуваат со ниски стапки на наталитет, а сè почесто и со намалување на бројот на население, сè поважни се мерките за подобра интеграција на жените, на малцинствата и на другите маргинализирани групи во економијата и во јавниот живот.

Напредок на сексуалните и репродуктивните права во Европа, но на милиони луѓе сè уште им се ускратени

Глобалниот извештај на УНФПА покажува голем напредок на сексуалната и на репродуктивната благосостојба во Европа, но на милиони луѓе сè уште им се ускратени правата и изборот.

Триесет години откако меѓународната заедница постигна договор за амбициозната програма со која сексуалното и репродуктивното здравје и права се ставаат во центарот на глобалниот развој, сè уште постои огромна нееднаквост, а милиони луѓе кои им припаѓаат на најзагрозените групи население, сè уште се исклучени од значителниот напредок што се забележува во сите светски региони.

Ова е заклучокот од извештајот на УНФПА за состојбата на светското население, во кој годинава се анализира до каде се државите на глобално ниво, а и во поширокиот европски регион, со спроведувањето на Програмата за акција што беше донесена на Меѓународната конференција за население и развој (ICPD) во Каиро во 1994 година.

Извештајот на Фонд за население на Обединетите нации – УНФПА следува во продолжение:

„Наодите од извештајот покажуваат дека голем број на луѓе немале корист од придобивките што ги стекнавме во процесот на јакнење на жените и младите да имаат моќ да одлучуваат за своите тела и здравје и да имаат пристап до потребните услуги и информации“, вели Флоренс Бауер, регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.

„За да ја подобриме оваа состојба, мора да ставиме крај на сè уште распространетата дискриминација против жените и другите обесправени групи, како и на стереотипите, предрасудите и стигмата што ја потхрануваат таквата дискриминација.“

Според еден неодамнешен регионален извештај, во поширокиот европски регион помалку жени умираат при породување, помалку тинејџерки раѓаат деца и помалку жени се соочуваат со проблеми за да добијат пристап до методите за планирање на семејството:

-Мајчината смртност е речиси преполовена од просечните 22 на 12 смртни случаи на 100.000 живородени деца помеѓу 2000 и 2020 година;

-Стапката на наталитет кај адолесцентите е намалена за речиси 50 проценти од просечните 20,3 на 12,6 раѓања на 1.000 жени на возраст од 15 до 19 години помеѓу 2000 и 2020 година;

-Уделот на жени во репродуктивна возраст кои своите потреби за планирање на семејството ги задоволуваат со современи методи е зголемен од средна вредност од 66,7 проценти во 2000 година на 75,9 проценти во 2022 година.

Но, Извештајот за состојбата на светското население укажува и на забавување на напредокот во некои области или дури и назадување и дека, главно, најбогатите и најпривилегираните имале многу поголеми придобивки во споредба со помалку богатите.

-Напредокот во намалување на мајчината смртност е намален во поширокиот европски регион, а забележан е пораст на мајчината смртност помеѓу 2015 и 2020 година во 18 од 52 држави за кои има податоци;

-Користењето современи средства за контрацепција и натаму е на ниско ниво во некои делови од Источна Европа и Централна Азија, а во пет држави, повеќе од половина од жените не користат никаков облик на контрацепција;

-Една од четири жени во репродуктивна возраст не може самостојно да одлучува за своето тело и здравје;

-Во 2022 година имало 160.000 нови случаи на заразени лица со ХИВ во Источна Европа и во Централна Азија, што претставува зголемување од 49 проценти од 2010 година и најголемо зголемување во кој било регион во светот за овој период;

-Жените и девојчињата со попреченост имаат до 10 пати поголема веројатност да бидат жртви на родово-базирано насилство, вклучително и сексуално насилство;

-Уделот на поединци кои веруваат дека е оправдано мажот да ја тепа својата сопруга, со текот на времето се зголемил во половина од државите во регионот за кои има податоци, особено меѓу помладите.

Истражувањето спроведено во 25 држави низ светот покажува дека кај жените со повисок социо-економски статус побрзо се отстрануваат пречките за здравствена заштита, а побавно кај жените кои им припаѓаат на обесправените групи.

„Милиони луѓе во овој регион се спречени да го остварат својот потенцијал поради облиците на дискриминација и маргинализација што често се преклопуваат“, вели Бауер. „Отстранувањето на овие бариери не е неопходно само од аспект на човековите права, туку е клучно за да се доведат државите во подобра положба за да се справат со демографските промени со кои се соочуваат.“

Со оглед на тоа што многу држави во регионот се соочуваат со ниски стапки на наталитет, а сè почесто и со намалување на бројот на население, сè поважни се мерките за подобра интеграција на жените, на малцинствата и на другите маргинализирани групи во економијата и во јавниот живот.

УНФПА ги поддржува државите во Источна Европа и во Централна Азија со зајакнување на нивната отпорност на демографски промени, вклучително и преку вложување во човечки капитал и поголема инклузија на маргинализираните заедници. (МИА)

Најнови вести од Свет

To top