Полицијата на германската сојузна покраина Баден-Виртемберг соопшти дека двајца покраински пратеници од партијата Алтернатива за Германија (АфД) биле нападнати во Штутгарт, а за нападот е отворена истрага против две девојки на возраст од 19 и 23 години.
Пратениците се здобиле со полесни повреди додека во средата вечерта стоеле пред штандот поставен по повод 75-годишнината од германскиот Устав, јави Дојче Веле.
Полицијата соопшти дека двајцата се здобиле со повреди во пределот на главата и вратот, а АфД го повика министерот за внатрешни работи на оваа сојузна држава Томас Штробл да преземе нешто против, како што го нарекоа, „левичарскиот екстремизам“.
Овој напад е продолжение на серијата напади врз германски политичари, меѓу кои најнов случај беше нападот врз министерката за економија на Берлин Франциска Гифи, која непознато лице ја удри во главата во библиотека.
Исто така во вторникот, 48-годишен член на партијата на Зелените беше нападнат во Дрезден додека поставуваше плакати, а полицијата соопшти дека истражува група која извикувала нацистички слогани.