Свет Литванија

Нападнат близок соработник на Навални

Волков бил нападнат со чекан во литванската престолнина Вилнус, изјави Кира Јармус, поранешната портпаролка на Навални.

Нападнат близок соработник на Навални

Леонид Волков, член на руската опозиција близок до Алексеј Навални, денеска бил нападнат во близина на неговиот дом во Литванија.

Волков бил нападнат со чекан во литванската престолнина Вилнус, изјави Кира Јармус, поранешната портпаролка на Навални.

„Леонид Волков штотуку бил нападнат пред неговата куќа. Некој го скршил прозорецот од автомобилот и му испрскал солзавец во очите, по што напаѓачот почнал да го удира Леонид со чекан, објави Јармус на социјалните мрежи.

Таа додаде дека „Леонид сега е дома и дека полицијата и брзата помош се на пат кон него“.

Министерот за надворешни работи на Литванија Габриелиус Ландсбергис изјави дека веста за нападот врз Леонид Волков е шокантна и дека сторителите ќе треба да одговараат за своето злосторство.

Алексеј Навални (47) почина на 16 февруари во казнена колонија северно од Арктичкиот круг.

Според властите, најголемиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин се онесвестил за време на обиколката на затворскиот двор, а обидите за реанимација биле неуспешни.

Неговата сопруга и поддржувачите на опозицискиот политичар ги обвинуваат руските власти за убиство.  (МИА)

To top