Најмалку 80 лица кои водечката венецуелска група за заштита на човековите права ги смета за политички затвореници се ослободени денеска во рамки на процесот на пуштање затвореници кој е во тек, според лидерот на групата.
– Луѓе се пуштени од затвори низ целата земја и треба да има повеќе ослободувања од затвор, објави на Икс, Алфредо Ромеро, директор на венецуелската група за заштита на човековите права Форо Пенал.
Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез завчера изјави дека од затвор се пуштени 626 лица, но не прецизираше кога затворениците се ослободени.
Форо Пенал, сепак, претходно потврди за ослободување на само 156 политички затвореници од Венецуела од 8 јануари.
Родригез изјави дека утре треба да разговара со високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Фолкер Турк, за да побара од ОН да ги потврди списоците на луѓе кои досега се ослободени.