Свет Палестински власти

Најмалку 22 лица загинаа во напади на северот на Газа

Израел започна голема воздушна и копнена офанзива во северниот дел на Газа пред три недели, откако соопшти дека екстремистите на Хамас се прегрупирале таму.

Најмалку 22 лица загинаа во напади на северот на Газа

Палестинските власти утринава соопштија дека најмалку 22 лица загинале во израелските напади на северот на Газа.

Министерството за здравство на Појасот Газа соопшти дека 11 жени и две деца се меѓу убиените доцна синоќа во нападите врз неколку куќи и згради во Беит Лахиа на северот.

Најмалку 15 лица се ранети и, како што се наведува, бројот на жртви може да се зголеми.

Израелската војска соопшти дека извршила прецизни напади врз екстремистите во зградата на Беити Лахија и преземала чекори за да избегне повреди на цивили.

Таа ги оспори, како што рече, „бројките што ги објавуваат медиумите“, но не откри детали или докази за нејзиниот биланс.

Израел започна голема воздушна и копнена офанзива во северниот дел на Газа пред три недели, откако соопшти дека екстремистите на Хамас се прегрупирале таму. Стотици луѓе беа убиени, а илјадници избегаа во градот Газа во последниот бран на раселување во едногодишната војна.

Израел и натаму секојдневно извршува напади низ Газа иако на север војува и со либанските екстремисти на Хезболах. (МИА)

To top