Свет

Најмалку 18 жртви во тајфунот Фунг-вонг на Филипините

Најмалку 18 лица загинаа во тајфунот Фунг-вонг кој го погоди северозападниот дел на Филипините, предизвикувајќи поплави, свлечишта и прекин на струјата, соопштија локалните власти.

Најмалку 18 жртви во тајфунот Фунг-вонг на Филипините

Најмалку 18 лица загинаа во тајфунот Фунг-вонг кој го погоди северозападниот дел на Филипините, предизвикувајќи поплави, свлечишта и прекин на струјата, соопштија локалните власти.

Откако ослабе во тропска бура над Јужното Кинеско Море, Фунг-вонг моментално се движи кон Тајван, каде што би можел да пристигне в четврток.

Бурата ги погоди северните Филипини само една недела по тајфунот Калмаеги, кој ги погоди централните провинции, усмртувајќи најмалку 232 лица, а подоцна и Виетнам, каде што загинале најмалку пет лица.

Фунг-вонг бил супер тајфун со максимални ветрови од 185 километри на час кога во неделата пристигнал до копното во провинцијата Аурора. Бурата ослабела додека ноќе минувала преку северните планински провинции и земјоделските рамнини пред да стигне до Јужното Кинеско Море, наведоа метеоролозите.

Новогодишен Giveaway – Зимзоленд

Повеќе од 1,4 милиони луѓе биле преселени во засолништа пред тајфунот да стигне до копното, додека околу 240.000 лица останале во евакуациски центри. Најмалку 132 северни села биле поплавени, а повеќе од 4.100 куќи биле оштетени, изјави Бернардо Рафаелито Алехандро од Канцеларијата за цивилна заштита.

– Иако тајфунот помина, неговите дождови сè уште претставуваат опасност во одредени области на северен Лузон, вклучувајќи ја и Манила, рече Алехандро.

Претседателот на Филипините, Фердинанд Маркос Помладиот, прогласи вонредна состојба поради последиците што ги предизвика тајфунот Калмаеги и очекуваната штета од Фунг-вонг, познат на Филипините и како Уван.

Училиштата и повеќето владини канцеларии од вчера се затворени, а бројни локални и меѓународни летови се откажани. Повеќе од 6.600 патници и работници останаа во пристаништата откако крајбрежната стража забрани пловидба поради бранови.

Филипините секоја година ги погодуваат околу 20 тајфуни и бури, а земјата покрај тоа е изложена на земјотреси и има повеќе од десет активни вулкани, што ја прави една од државите најподложни на природни катастрофи во светот, истакнуваат метеоролозите.

Најнови вести од Свет

To top