Свет ОН

Над 21.000 лица од почетокот на март избегале од судирите во Сирија во соседен Либан

УНХЦР цитира податоци од локалните власти и либанскиот Црвен крст, вклучително и повеќе од 390 либански семејства.

Над 21.000 лица од почетокот на март избегале од судирите во Сирија во соседен Либан

Повеќе од 21.000 луѓе избегале од Сирија во соседен Либан по судирите на сириската страна на почетокот на март, соопштија денеска ОН.

Според извештајот, Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) регистрирал пристигнување на 21.637 лица од Сирија во Либан.

УНХЦР цитира податоци од локалните власти и либанскиот Црвен крст, вклучително и повеќе од 390 либански семејства.

Тензиите во западна Сирија почнаа на 6 март во алавитско село во провинцијата Латакија, откако безбедносните сили уапсија едно лице по потерница.

Ситуацијата брзо се претвори во судири откако вооружени лица од алавитското муслиманско малцинство, опишано од властите како лојални на соборениот сириски претседател Башар ал Асад, отворија оган врз неколку позиции на безбедносните сили.

Според Сириската опсерваторија за човекови права, во тие судири биле убиени повеќе од 1.600 цивили, главно алавити.

Ова е прво насилство од големи размери откако бунтовничката коалиција предводена од радикалната исламистичка сунитска група Хајат Тахрир ал-Шам ја презеде власта во Сирија на 8 декември. Коалицијата го собори Асад, кој побегна во Русија.  (МИА)

To top