Свет дополнителен 50 милијарди евра за Украина

Мишел: ЕУ покажа дека има капацитет за решавање на сложени проблеми

Постигнавме договор за ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка на Европската Унија, кој јасно го покажува лидерството и единството на Европскиот совет и на ЕУ и капацитетот да се носат брз одлуки за решавање на сложени проблеми, изјави претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел по завршувањето на специјалниот Самит на блокот на која главна тема беше ревизијата на европскиот буџет за периодот 2021-2027 година, во вкупна вредност од 64,6 милијарди евра.

Мишел: ЕУ покажа дека има капацитет за решавање на сложени проблеми

– Откако на Самитот во декември донесовме одлука да почнеме преговори за членство со Украина и Молдавија, сега одиме чекор напред во кој сите 27 лидери се согласија за поддршка од дополнителен 50 милијарди евра за Украина во рамките на Украинскиот механизам, истакна Мишел на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Покрај, 50-те милијарди евра наменети за Украина, од кои 17 милијарди евра грантови и 33 милијарди евра позајмици, од останатите средства со ревизијата, 7,6 милијарди евра се предвидени за поддршка на земјите од европското соседство и за партнерите ширум светот, од кои две милијарди за Западниот Балкан како дел од Планот за раст, по две милијарди за справување со миграцијата и управување со границите и за Инструментот за флексибилност на ЕУ и по 1,5 милијарди евра за Европскиот одбранбен фонд и како резерви за солидарност и итна помош.

Според Мишел, ваквата одлука е јасна порака до Украинците дека ЕУ е целосно посветена да ги поддржи нивната иднина и слобода, но и порака до европските граѓани дека во Унијата постои единство кое не е поткопано и покрај обидите на Русија да го стори тоа.

– Тоа е порака и до САД и нашите партнери во светот дека ја поддржуваме Украина и нејзиниот територијален интегритет, додаде Мишел.

Тој потенцира дека поддршката за Украина останува приоритет на ЕУ и за таа цел ќе се прават напори за обезбедување на повеќе воена опрема за земјата преку Европскиот мировен механизам, како и дека е постигнат политички договор за користење на замрзнатите руски средства за помош на Украина.

Според Фон дер Лајен, денешниот ден е многу успешен, бидејќи ЕУ ја реафирмирала својата посветеноста да застане зад Украина и да се поддржи со неопходните финансии и да и се обезбеди предвидливоста што ја заслужува.

– Овие 50 милијарди евра испраќаат јасна порака и за Путин на двегодишнината од неговата брутална инвазија, истакна Фон дер Лајен.

Таа потсети дека од лани во март, па до март годинава, на Украина од ЕУ ќе и бидат испорачани 524.000 парчиња муниција, а до крајот на 2024 тоа количество ќе се удвои на над еден милион, што ќе биде проследено и со зајакнување на капацитетите на европската одбранбена индустрија.

Мишел информира дека на средбата станало збор и за состојбата на Блискиот Исток, при што ја нагласена посветеноста на ЕУ за намалување на ризикот од регионална ескалација, пред се во Црвеното Море, и за продолжување со напорите за безусловно ослободување на заложниците и обезбедување на меѓународна помош за Газа.

– Постигнат е силен политички договор во Советот ЕУ за поттикнување на мировен процес врз основа на решението со две држави што ќе коегзистираат во мир во иднина. Тоа ќе донесе не само мир меѓу Израел и Палестинците, туку и меѓу Израел и сите негови соседни држави, истакна Мишел.

Тој се осврна и на протестите на земјоделците, потенцирајќи дека земјоделскиот сектор е многу важен за ЕУ, па затоа Унијата ги слуша нивните потреби и се грижи за безбедноста на храната.

Во однос на земјоделскиот сектор, Фон дер Лајен потенцира дека тој има круцијална улога во европското општество, европскиот начин на живот и заштитата на природата.

Таа потенцира дека европските фармери се динамични и благодарение на нивните напори продуктивноста во 2022 година е зголемена за 13 проценти, а тие имаат позитивно влијание и врз трговијата на ЕУ, со тоа што само минатата година извозот на земјоделски производи е зголемен за пет отсто.

– Чесно е да се каже дека нашите фармери покажаа неверојатна отпорност за време на неодамнешните кризи. Но, и натаму остануваат многу предизвици, како тензиите околу цените на земјоделските производи на многу конкурентниот меѓународен пазар, кои носат несигурност, изјави Фон дер Лајен, додавајќи дека во такви услови европските земјоделци мора да се посветат на висок квалитет во производството и да работата на заштита на животната средина.

Таа нагласи дека земјоделците може да сметаат на поддршка од ЕУ, потсетувајќи дека 390 милијарди евра или една третина од буџетот на Унијата се наменети за земјоделството, но дека Комисијата нема да застане на тоа и оти сега работи на изнаоѓање начини да се излезе во пресрет за итните предизвици со кои се соочува земјоделскиот сектор.

Во тој контекст таа потсети дека минатата недела почна Стратешкиот дијалог за земјоделство, чија цел е да се изработат патокази за остварување на заедничките цели во интерес на земјоделскиот сектор и за заштита на животната средина.

Со ваквиот договор за ревизија на Рамката се стави крај на неизвесноста околу поддршката од ЕУ за Украина, поради најавите на унгарскиот премиер Виктор Орбан дека може повторно да стави вето за пакетот помош, како што се случи на претходниот Самит на Унијата во декември.

Според дипломатски извори, „мала група лидери на ЕУ“ пред почетокот на Самитот го убедиле Орбан да се откаже од евентуално вето за ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка на Унијата за периодот 2021-2027 година, која во најголем дел вклучува обезбедување средствата за поддршката за Украина.

Истите извори посочуваат дека Орбан се сретнал со германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџија Мелони и претседателите на Европската комисија и на Советот на ЕУ, Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел, а нешто подоцна на средбата се придружиле и премиерите на Белгија, Александер Де Кро, на Холандија, Марк Руте и на Полска, Доналд Туск.

Најнови вести од Свет

To top