Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека чувствува олеснување по изненадувачката одлука на американскиот претседател Доналд Трамп да не воведува дополнителни царини за европските земји во контекст на прашањето за Гренланд.
– Многу сум благодарен што претседателот Трамп се воздржа од првичните планови за преземање контрола врз Гренланд. Исто така, благодарен сум што тој се откажа од наметнувањето дополнителни царини на 1 февруари, изјави Мерц по пристигнувањето на самитот на Европската Унија во Брисел.
Самитот првично беше свикан за да се изработи заеднички европски одговор на заканите од Вашингтон. По најновите случувања, лидерите на ЕУ ќе се фокусираат на извлекување поуки и на изнаоѓање долгорочен пристап за справување со променливите трансатлантски односи.
Мерц истакна дека Европската Унија мора да ја зајакне својата отпорност и стабилност.
– Европската Унија и европскиот дел на НАТО мора да бидат способни сами да се заштитат“, посочи германскиот канцелар, додавајќи дека и покрај постигнатиот напредок, Европа сè уште не го направила сето она што е потребно.