Машиновозачите во Шпанија објавија дека денеска ќе отпочнат со тридневен национален штрајк во знак на протест против недостатокот на безбедносни гаранции во железничкиот систем на земјата, објавија денеска шпанските медиуми.
Оваа акција беше објавена по две сериозни железнички несреќи во јануари – една во Адамуз. на југот на Шпанија. во која загинаа 46 лица и втората само два дена подоцна во близина на Барселона во која загина машиновозачот, а десетици патници беа повредени, објавува Би-Би-Си.
Овие несреќи предизвикаа сериозни нарушувања за патниците и фрлаа сомнеж врз квалитетот на шпанскиот железнички систем, кој до неодамна беше пофален и сметан за многу добар.
Синдикатот на шпанските машиновозачи SEMAF бара повеќе персонал и зголемени инвестиции и одржување поради „постојаното влошување на железничката мрежа“.
По двата судира следеа итни безбедносни проверки што открија бројни дефекти и проблеми со одржувањето на железничките линии, а шпанскиот премиер Педро Санчез треба да биде испрашуван во парламентот подоцна оваа недела за грешки во железничкиот систем.
Несреќата во Адамуз на 18 јануари, кога брз воз излета од шините и се судри со друг воз што се движеше во спротивна насока, беше најлошата железничка несреќа во Шпанија во повеќе од една деценија.