Агенцијата на ОН за помош на Палестинците денеска соопшти дека сите нејзини 36 засолништа во градот Рафа во јужниот дел на Газа се „празни“ поради континуираните израелски воени операции.
Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа со палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) на Х информира дека „илјадници семејства биле принудени да избегаат“.
Исто така, се вели дека 1,7 милиони од 2,2 милиони жители на Газа сега се раселени од областа околу Кан Јунис и околината. Хуманитарниот простор продолжува да се намалува“, пишува агенцијата.
Хуманитарните организации постојано предупредуваат дека нема безбедно место во Појасот Газа поради постојаните израелски воени активности во областа.
Последниот воен напредок на израелските сили во Рафа предизвика бројни критики од меѓународната заедница, а хуманитарните агенции проценуваат дека околу еден милион цивили нашле засолниште во тој јужен град, кој се наоѓа на границата со Египет.
Меѓународниот суд на правдата (МСП) минатата недела му нареди на Израел веднаш да ги прекине своите воени операции во Рафа, но владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху продолжува да го игнорира.
Израел тврди дека Рафа е последното упориште на борците на Хамас во Газа и верува дека некои од преостанатите израелски заложници киднапирани во терористичкиот напад на 7 октомври се во мрежата тунели под градот. (МИА)