Авторитарниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, изјави дека Божиќ годинава ќе се одржи порано од вообичаено, а свеченостите ќе бидат на 1 октомври, пренесе ДПА.
– Септември е и веќе мириса на Божиќ. Како благодарност до борбените луѓе, со декрет ќе го донесам Божиќ на 1 октомври, им рече Мадуро на приврзаниците на телевизија.
Ова не е прв пат Мадуро да презема ваков необичен потег за да го одвлече вниманието од горливите проблеми на јужноамериканската земја.
За време на пандемијата на коронавирусот во 2020 година, тој прогласи Божиќ да се слави на 15 октомври, а следната година на 4 октомври.
Во тоа време, Мадуро објави видео од претседателската палата Мирафлорес украсена со новогодишни елки и божиќни украси. Социјалистичката влада традиционално дистрибуира пакети со храна во сиромашните населби во земјата за време на божиќниот период.
По претседателските избори на 28 јули, кои беа во сенка на обвинувањата за измама, изборната власт лојална на владејачката партија го прогласи Мадуро за победник, кој е на власт од 2013 година.
Опозицијата ја обвинува владата во Каракас за изборна измама и бара победа на нејзиниот кандидат Едмундо Гонзалес Урутија.
Судот вчера издаде налог за апсење на екс-дипломатот по барање на провладиното јавно обвинителство. (МИА)