Идните договори за пристапување на земјите-кандидатки во Европската Унија (ЕУ) треба да содржат посилни заштитни механизми против назадување од обврските преземени за време на преговорите за пристапување, за да се обезбеди дека новите членки ќе продолжат да ги одржуваат резултатите во основните области, изјави денеска во Естонија европската комесарка за проширување Марта Кос.
На конференцијата за проширување на ЕУ во Талин, Марта Кос изјави дека секоја заштитна мерка треба да остане во сила сè додека е потребно, но дека не смее да се создава „членство на две нивоа“ за оние земји кои се целосно усогласени со законодавството на Унијата.
„Едноставно кажано: ако новите членки ги следат правилата, тие дури и нема да ја забележат таа заштита“, рече Кос.
Таа изјави дека тоа е еден од петте клучни елементи во дебатата за иднината на проширувањето на ЕУ, а другите се: не може да има кратенки во реформите, Европската Унија мора да се подготви за нови членови, ЕУ мора многу побрзо да допре до граѓаните на идните членки, а последниот елемент е прашањето дали Европа е подготвена за мир во Украина.
Кос изјави дека борбата против корупцијата и градењето демократски институции остануваат основа на проширувањето на ЕУ и дека полноправното членство никогаш не смее да дојде на сметка на реформите што водат до тоа.
Таа изјави дека пристапувањето на нови членки во наредните години е „реална перспектива“ и дека ЕУ мора да се подготви за тоа – да знае какво влијание ќе има идното проширување врз клучните политики, врз нејзиниот буџет и управувачките структури.
Кос, исто така, рече дека ЕУ мора многу побрзо и подиректно да допре до граѓаните на земјите-кандидатки, така што оние кои „испорачуваат реформи“ и се усогласуваат со правилата на ЕУ ќе бидат наградени со побрза интеграција во политиките и структурите на ЕУ. (МИА)