Катарскиот емир шеик Тамим бин Хамад Ал Тани денеска на Самитот на Арапската лига рече дека неговата земја вложува големи напори да преговара за ослободување на израелските заложници во Газа, но исто така праша до кога меѓународната заедница „ќе се однесува кон Израел како да е над меѓународното право“.
На вонредниот исламско-арапски самит во главниот град на Саудиска Арабија, и земјата домаќин и муслиманските земји повикаа на итен прекин на воените операции во Газа и го прогласија Израел за одговорен за „злосторствата“ врз Палестинците.
„Меѓународната заедница не успеа да ги исполни сопствените правни и етички одговорности“, рече шеикот Тамим за време на заедничкиот исламско-арапски самит посветен на Газа во саудискиот главен град Ријад.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган побара да се свика меѓународна мировна конференција за да се најде трајно решение за конфликтот меѓу Израел и Палестинците.
На барање на Палестинците и Саудиска Арабија, лидерите на 22-те земји од Арапската лига се собраа во Ријад, каде за првпат пристигна иранскиот претседател Ебрахим Раиси. Раиси денеска ја пофали палестинската група Хамас за нејзината војна против Израел и ги повика исламските земји да воведат санкции против Израел.
„Нема друг начин освен да се спротивставиме на Израел, ги бакнуваме рацете на Хамас за неговиот отпор против Израел“, рече Раиси на самитот во Ријад и повика на санкции за израелската нафта и другите производи.
Хамас ги повика учесниците на Самитот „да донесат историска и конечна одлука за итно запирање на ционистичката агресија“.
„Ги повикуваме арапските и муслиманските лидери… да извршат притисок врз американската администрација која сноси директна одговорност за геноцидната војна против нашиот народ во Појасот Газа“, се вели во соопштението на палестинската милитантна група Хамас.
Геноцидот го спомена и претседателот на палестинската самоуправа, Махмуд Абас, кој е на власт на Западниот Брег. Абас рече дека се води „геноцидна војна“ против палестинскиот народ и ги повика САД и Израел да ја запрат агресијата.
Иранскиот претседател доаѓа во посета на Саудиска Арабија, најголемиот ривал на Иран во регионот, по првпат откако Техеран и Ријад во март објавија обнова на дипломатските односи по седумгодишна пауза. Иран го поддржува палестинското исламистичко движење Хамас, кое изврши терористички напади на 7 октомври со сурови злосторства против Израелците, кога беа убиени над 1400 лица, главно цивили. Иран го поддржува и либанското движење Хезболах, со кое Израел разменува оган на израелско-либанската граница и јеменските Хути, кои извршија неколку напади со беспилотни летала и ракети на југот на Израел.
Одредени земји, како Алжир и Либан, предложија прекин на економските и дипломатските односи со Израел и суспендирање на испораката на нафта за Израел и неговите сојузници. Ваквиот предлог бил отфрлен од најмалку три земји, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, кои ги нормализираа односите со Израел во 2020 година.
Саудиска Арабија, која одржуваше блиски врски со САД и пред 7 октомври и која презеде чекори за нормализирање на односите со Израел, стравува дека може да стане цел на напади.
Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман рече дека Ријад „ги смета окупациските власти одговорни за злосторствата врз палестинскиот народ“.
„Убедени сме дека единствениот начин да се гарантира безбедноста, мирот и стабилноста во регионот е да се стави крај на окупацијата, опсадата и колонизацијата“, рече Бин Салман.
Израел и неговиот главен сојузник, САД, досега ги отфрлаа повиците за прекин на огнот во Газа. Саудискиот аналитичар Азиз Алгашиан смета дека, покрај Израел, како одговорни треба да се означат и земјите кои „ја олеснуваат неговата задача, а тоа значи САД и Западот. (МИА)