Свет

Јулија Клокнер избрана за претседател на германскиот Парламент

Новиот германски парламент денеска ја избра поранешната министерка за земјоделство Јулија Клокнер за претседател, номинирана од идниот канцелар Фридрих Мерц, чиј конзервативен блок освои најмногу гласови на парламентарните избори одржани на 23 февруари.

Јулија Клокнер избрана за претседател на германскиот Парламент

Новиот германски парламент денеска ја избра поранешната министерка за земјоделство Јулија Клокнер за претседател, номинирана од идниот канцелар Фридрих Мерц, чиј конзервативен блок освои најмногу гласови на парламентарните избори одржани на 23 февруари.

Функцијата претседател на Парламентот е втора функција во земјата, по претседателот на државата и пред канцеларот, а традиционално „припаѓа“ на групата која добила најмногу гласови во Долниот дом на парламентот – Бундестагот.

Јулија Клокнер (52) беше министерка за земјоделство од 2018 до 2021 година во последната влада на тогашната канцеларка Ангела Меркел. Пратениците денеска ја избраа со 382 гласа за, 204 против и 31 воздржан.

По гласањето таа на пратениците им вети дека ќе ја извршува својата должност „непартиски, на мирен и непоколеблив начин“.

Атмосферата во Бундестагот стана понапната откако екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) првпат освои пратенички места во 2017 година, а на последните избори беше втора по сила, со 152 од 630 места.

„За мене постои многу јасно мерило, а тоа е пристојноста… Ќе се погрижам да се однесуваме еден кон друг на цивилизиран начин – а ако не, да научиме да го правиме тоа“, рече Јулија Клокнер.

Се уште не се знае кога ќе биде избрана новата влада.

Мерц сè уште е во преговори за формирање коалиција со централно-левичарските социјалдемократи на канцеларот во заминување Олаф Шолц. Неговата партија нагласи дека е поважно да се постигне соодветен коалициски договор отколку да се забрза процесот.

Шолц и неговиот кабинет во текот на денот ќе добијат потврда за смената од претседателот Франк-Валтер Штајнмаер. Како што е вообичаено, Штајнмаер ја задолжи владата во заминување да остане на функцијата додека не се избере нов канцелар.

Поврзани теми

To top