Washington Post во понеделникот објави дека Тајлер Робинсон, осомничениот за убиството на политичкиот коментатор Чарли Кирк, испратил порака преку онлајн платформата Discord до пријателите во четвртокот навечер, кратко пред да биде уапсен.
„Тоа бев јас вчера. Жал ми е за сето ова“, пишувало во пораката од сметката на Робинсон, објави весникот, повикувајќи се на две лица запознаени со разговорот и скриншотовите што ги направиле.
Кирк, моќен сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп и коосновач на водечката конзервативна студентска група Turning Point USA, беше убиен со еден истрел минатата среда за време на настан на Универзитетот „Јута Вали“ во Орем, околу 40 милји јужно од Солт Лејк Сити.
Се очекува Робинсон официјално да биде обвинет во денеска, приближно во исто време кога ќе се појави на суд преку видео од неговата затворска ќелија.
Директорот на ФБИ, Кеш Пател, изјави за Fox News дека ДНК што одговара на осомничениот е пронајдена на крпа завиткана околу пушката за која се верува дека е оружјето за убиството и на шрафцигер пронајден на покривот од кој се случило пукањето.
Робинсон не соработувал со властите, изјави гувернерот на Јута, Спенсер Кокс, во неделата, но истражителите ги испрашуваат неговите пријатели и семејство во обид да утврдат мотив за пукањето.
Гувернерот Кокс веќе објави дека за убиството на Кирк ќе бара смртна казна, која е легална во неговата држава.