Парламентот на Гренланд свика итна седница по заканите од САД за преземање на контрола. Лидерите на пет политички партии истакнуваат дека сакаат автономија и да останат Гренландци, додека Данска и САД ги разгледуваат геополитичките импликации.
Парламентот на Гренланд ќе одржи вонредна седница за да го разгледа одговорот на заканите од Соединетите Американски Држави (САД) за преземање на контрола над арктичкиот остров, соопштија лидерите на пет политички партии во гренландското собрание, јавува денес Ројтерс.
„Уште еднаш ја нагласуваме нашата желба да запре неуважувањето на САД кон нашата земја“, наведоа лидерите на сите пет парламентарни партии во заедничко соопштение, објавено на социјалните мрежи од премиерот Јенс-Фредерик Нилсен.
Според нивните зборови, тие не сакаат да бидат ниту Американци, ниту Данци, туку сакаат да бидат Гренланѓани.
Седницата на парламентот ќе се одржи за да се обезбеди фер и сеопфатна политичка дебата и заштита на правата на народот, истакнаа лидерите.
Данска, со поддршка од европските сојузници, се соочува со сложена политичка ситуација додека се обидува да го задржи Гренланд, автономна територија чиј народ со децении се стреми кон независност, додека дел од политичките актери на островот разгледуваат директни преговори со САД.
Американскиот државен секретар Марко Рубио ќе се сретне следната недела со данските и гренландските официјални лица, по изјавите на претседателот на САД, Доналд Трамп, за можноста Гренланд да стане дел од САД, што предизвика загриженост во европските престолнини и силна поддршка за Данска.
Гренланд има сопствена влада и парламент од 1979 година, а според договорот од 2009 година, жителите имаат право на референдум за независност. Политичките партии формално се за независност, но се разликуваат во однос на темпото и моделот на нејзиното остварување.
Според оценката на професорот на Универзитетот во Копенхаген, Микел Ведби Расмусен, Данска ризикува да потроши значителен дел од својот политички капитал за да го задржи Гренланд, иако постои можност островот во иднина да избере самостојност или директен договор со Вашингтон.
Гренланд има големо стратешко значење, бидејќи се наоѓа меѓу Европа и Северна Америка и претставува важна точка за американскиот систем за балистичка одбрана.
Трамп изјави дека сака Гренланд, богат со минерални ресурси, да стане дел од САД поради безбедносни причини, додека неговата администрација наведува дека „сите опции се на маса“.
Данската премиерка Мете Фредериксен порача дека државните граници и суверенитетот се базираат на меѓународното право и дека „Гренланд припаѓа на Гренландците“, предупредувајќи дека секој напад на членка на НАТО ќе има сериозни последици за безбедноста на Алијансата.
Данска годишно издвојува околу 4,3 милијарди дански круни за Гренланд, додека вкупните трошоци, вклучувајќи полиција, правосудство и одбрана, надминуваат 900 милиони долари. Минатата година беше најавен и пакет од 42 милијарди круни за зајакнување на арктичката одбрана.
Аналитичарите оценуваат дека Данска се наоѓа пред сложено балансирање помеѓу одржување на односите со САД и зачувување на сопствената дипломатска позиција, во момент кога Гренланд сè поотворено размислува за патот кон целосна независност.