Свет ДПА

Иранската револуционерна гарда ги напушти позициите во источна Сирија

Иран е главниот поддржувач на сирискиот претседател Башар ал Асад од избувнувањето на граѓанската војна во земјата во 2011 година.

Иранската револуционерна гарда ги напушти позициите во источна Сирија

Клучните офицери на корпусот на иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) стационирани во Сирија ги евакуираа своите позиции во очекување на американски напад, изјавија активисти за ДПА.

Претставници на Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон денеска за ДПА изјавиле дека високи команданти ги напуштиле своите позиции долж сириско-ирачката граница.

– Некои од клучните ирански советници и команданти целосно се повлекоа од своите позиции во Ал-Бу Камал на сириско-ирачката граница, рече Рами Абдел Рахман, шеф на агенцијата за мониторинг.

Абдел Рахман рече дека некои високи команданти се преместиле во сирискиот главен град Дамаск, а неколку заминале во Техеран.

– Другите припадници на ИРГЦ од понизок ранг се прераспоредени во источна и централна Сирија и распоредени во нивните региони, рече тој.

Според Абдел Рахман, позициите во сириско-ирачкиот пограничен регион биле предадени на милициите кои се сојузници со Иран.

На двете движења им беа дадени строги наредби од нивните ирански поддржувачи, да не вршат никаков напад врз американските бази во областа, додаде тој.

Абу Мохамед, активист од Даир ас-Саур, изјави за ДПА дека позициите на проиранската милиција во областа се во состојба на висока готовност.

Тројца американски војници загинаа, а дваесетина други беа повредени во неделата во напад со дрон врз воена станица на САД во Јордан, во близина на сириската граница.

Американскиот претседател Џо Бајден ги обвини радикалните милитантни групи поддржани од Иран за нападот и се закани дека ќе возврати. Иран негираше каква било вмешаност.

Американските сили беа распоредени во Сирија во 2015 година за да им помогнат на сириските Курди и нивните други сојузници во борбата против екстремистичката организација Исламска држава.

Иран е главниот поддржувач на сирискиот претседател Башар ал Асад од избувнувањето на граѓанската војна во земјата во 2011 година. (МИА)

Најнови вести од Свет

To top