Висок офицер во Јужната команда на ИДФ изјави дека трупите ќе одговорат на секој обид да им се наштети за време на прекинот на огнот, додека армијата го поминува своето време подготвувајќи се за продолжување на борбите.
– Секој што претставува закана за нашите сили ќе биде погоден. Безбедноста на нашите сили е врвен приоритет, така се однесувавме и така ќе продолжиме да се однесуваме, рекол офицерот, пренесува Тајмс оф Израел.
Според него, копнената офанзива „и оперативните достигнувања извршиле притисок врз Хамас и неговото раководство и послужиле како неопходна алатка за создавање услови за спроведување на планот за враќање на дел од заложниците“.
– Поголемиот дел од времето ќе го искористиме за подготвување и планирање на задачите што се очекуваат од нас веднаш по завршувањето на примирјето. Се подготвуваме да продолжиме со нападите со сите сили веднаш по завршувањето на примирјето, додал тој.
Хамас претходно соопшти дека две лица се убиени и неколкумина се повредени откако израелската војска отворила оган кон група Палестинци кои патувале кон северот на Појасот Газа.
Според светските агенции, израелските сили убиле двајца и раниле 11 лица кои се движеле кон „главната борбена зона“ во северна Газа и покрај предупредувањата на израелската армија дека движењето кон север е забрането. (МИА)