Израелската војска соопшти дека почнала „целна копнена операција против клучни цели“ во јужен Либан, испраќајќи повеќе сили подлабоко во областа како дел од проширената тампон-зона, откако Хезболах почна со напади врз Израел на почетокот на овој месец во услови на војната со Иран.
Регионалната дивизија 91 „Галилеја“ почна рација доцна во саботата во источниот сектор на јужен Либан, при што војниците се соочиле и убиле неколку оперативци на Хезболах, соопштија денеска воени извори, пренесе Тајмс оф Израел.
ИДФ наведува дека операцијата е насочена кон проширување на „зоната на предна одбрана“.
– Оваа операција е дел од напорите за воспоставување предна одбрана, вклучително и уништување на терористичката инфраструктура и елиминација на терористите кои дејствуваат во областа, со цел да се отстранат заканите и да се создаде дополнителен слој на безбедност за жителите на северот-соопшти војската.
Пред војниците да навлезат во областа, ИДФ соопшти дека извршила масовни воздушни напади и артилериски гранатирања за „да ги отстрани заканите“.
Во меѓувреме, 146-та резервна дивизија останува распоредена во западниот сектор на јужен Либан, додека 36-та дивизија врши рација во областа Раб ал-Талатин. ИДФ се подготвува да распореди дополнителни сили во јужен Либан и дополнително да ја прошири својата тампон-зона за да ја одврати заканата од Хезболах подалеку од границата.