Џихадистите од Исламската држава убиле 14 сириски војници за време на напад на воен автобус во пустина, соопшти денеска невладината организација Сириска опсерваторија за човекови права.
– Најмалку 14 припадници на режимските сили се убиени, а многумина се повредени во крвав напад од страна на припадници на Исламската држава врз воен автобус во пустината Палмира, во источната провинција Хомс, се вели во соопштението.
Сириското Министерство за одбрана соопшти дека станува збор за „терористички“ напад, но соопшти дека загинале осум војници.
Според невладината организација, ова е втор напад што Исламската држава го извршува врз сириските сили од почетокот на годинава.
Девет војници и членови на провладините сили беа убиени на 1 јануари за време на напад на групата врз воени позиции во источната пустина.
Исламската држава неодамна ги засили нападите во Сирија против сириските власти, особено од пустината каде нејзините борци се повлекоа откако изгубија огромни делови од територијата што ја контролираа во Сирија во 2019 година.