Хотелите што се наоѓаат во реонот на амстердамскиот аеродром Схипхол денеска очекуваат речиси половина од нивните „гости“ да бидат кучиња, мачки, птици или други домашни миленичиња, кои таму ќе ја минат новогодишната ноќ заедно со своите сопственици.
Праксата сопствениците и нивните домашни миленици да ја минуваат новогодишната ноќ во хотелите на Схипхол започна по воведената забрана за испалување огномети и останата пиротехника во реонот околу аеродромот.
– Забележуваме дека некои луѓе доаѓаат секоја година. Тоа е едноставно причина: нема огномети во близина, а добиваат и подароци кога ќе пристигнат, изјавил вработен во еден од хотелите за холандскиот весник „Хет Парол“.
Тој додава дека поради строга забрана за користење на огномети во областа, многу сопственици на домашни миленичиња ги сметаат тамошните хотели за „безбедно засолниште“ од пукотниците на пиротехниката.
– Луѓето знаат дека тука ќе се забавуваат добро со своите миленици. Не е сосема тивко, но секако е со ниско ниво на шум. Освен што лаат кучињата, се разбира. Бидејќи ако почне едно, сите се приклучуваат, изјавил хотелскиот работник, додавајќи дека лани за дочекот на 2025 година во хотелот престојувале 30 до 40 домашни миленичиња.
Со цел да им излезат во пресрет на несекојдневните гости за новогодишната ноќ, хотелите во близина на аеродромот Схипхол се обидуваат да создадат соодветни услови за домашните миленици, при тоа обезбедувајќи им садови за храна и вода, но и подароци.
Сопствениците на домашните миленици долго време беа загрижени дали милениците можат да заболат од новиот коронавирус, но сега е потврдено дека домашните мачки можат да бидат инфицирани и да и
Очекувањата се ова да биде последна „новогодишна инвазија“ на хотелите околу аеродромот од страна на домашните миленичиња и нивните сопственици, бидејќи од следната година во Холандија ќе стапи во сила целосна забрана за индивидуално користење на пиротехника.
Ваквата одлука ја донесе холандскиот Парламент во текот на пролетта оваа година на предлог на Лабуристичката партија (ПВДА), Зелената левица (ГЛ) и Партијата за животните (ПВДД).
Од таа причина, Холандското здружение за заштита на животните (ДБ) стравува дека претстојнава новогодишна ноќ ќе биде „најинтензивна досега“, кога ќе бидат испукани рекорден број на огномети и останата пиротехника.
ДБ нагласува дека ова може да предизвика значителен стрес кај домашните миленици, посочувајќи дека едно нивно претходно истражување покажало оти речиси 75 проценти од мачките и над две третини од кучињата покажуваат знаци на вознемиреност при испалување на огномети и пиротехника.
Поради ова дополнителни заштитни мерки преземаат и прифатилиштата за животни.
– Правиме сè што можеме за да биде што е можно потивко. На пример, некои од куќичките за кучиња ги прекриваме со кебиња, а исто така пуштаме и класична музика, која делува како еден вид бел шум, изјавил вработен во едно од прифатилиштата за „Хет Парол“.