Свет

Хезболах нема да му се одмаздува на Израел додека траат преговорите за примирје во Газа

Хезболах нема да му се одмаздува на Израел додека траат преговорите за примирје во Газа

Либанското движење Хезболах нема да му се одмазди на Израел за убиството на неговиот воен командант додека траат разговорите за прекин на огнот и ослободувањето на заложниците во Газа за да не се саботираат шансите за договор, изјави за весникот „Вашингтон пост“ неименуван извор близок до оваа либанска проиранска организација, јави Бета.

„Можеме да кажеме дека Хезболах нема да започне операција за одмазда за време на разговорите во Катар бидејќи не сакаме да бидеме одговорни за попречување на преговорите и потенцијалниот договор. Одмаздата може да почека, таа не е итна и временски ограничена“, рече неименуваниот извор.

Хезболах се закани дека ќе се одмазди за израелското убиство на командантот Фуад Шукр во Бејрут во јули, јавуваат израелските медиуми.

Меѓународните посредници вчера одржаа нова рунда разговори со цел да се запре војната меѓу Израел и Хамас и да се обезбеди ослободување на десетици заложници.

Претставници на САД, Катар и Египет се сретнаа со израелската делегација во Доха, главниот град на Катар.

Палестински Хамас не учествуваше директно во разговорите, бидејќи го обвини Израел за додавање нови барања на претходниот предлог поддржан од САД и меѓународната заедница, што организацијата во принцип го прифати.

To top