Радикалната исламистичка милиција Хезболах ја потврди смртта на нејзиниот долгогодишен лидер Хасан Насралах, со порака – борбата против Израел ќе продолжи. Ајатолахот Хамнеи повика на здужен отпор против Израел.
Милицијата Хезболах во Либан ја потврди смртта на нејзиниот лидер Хасан Насралах. Насралах им се придружи на своите убиени „маченици соборци“ откако ја водеше организацијата речиси 30 години, соопшти во саботата проиранската милиција. Израелската армија претходно ја објави смртта на Насралах во нападот врз Бејрут во петокот.
Израел го бомбардираше седиштето на Хезболах во масивни воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут во петокот. Според армијата, освен Насралах, убиени се и неколку високи команданти на Хезболах.
Израелската војска соопшти дека е во „висока оперативна готовност“ по убиството на шефот на Хезболах, Хасан Насралах во Либан. Можна претпоставка е дека милитантниот исламистички Хезболах ќе возврати, истакна воениот портпарол Надав Шошани. И покрај тешките израелски напади минатата недела, голем дел од арсеналот на Хезболах е сè уште недопрен, изјави Шошани. Тој порача дека Израел ќе продолжи да ја напаѓа милицијата, но, се надева дека убиството на Насралах „ќе ги промени дејствата на Хезболах“ и ќе го промени текот на конфликтот.
Духовниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во писмената изјава подвлече дека „ционистичките криминалци“ се „премногу безначајни за да можат да нанесат сериозна штета на силната структура на Хезболах во Либан“. Либан ќе го натера непријателот да зажали за своите напади, напиша Хамнеи. Тој апелираше до муслиманите според своите можности да го поддржат либанскиот народ и „гордиот Хезболах“. Судбината на регионот зависи од опозициските сили, особено од милицијата Хезболах, дополни Хамнеи.
Инсајдери претходно објавија дека иранскиот лидер бил однесен на безбедно место, а дополнително, воведени се и зголемени безбедносни мерки. Новинската агенција Ројтерс го дознала ова од двајца локални претставници кои се добро информирани од владата во Техеран.