Израелскиот претседател Исак Херцог рече дека Израел не може да остави вакуум во Газа и дека ќе мора да задржи силни сили таму за да го спречи повторното појавување на Хамас во палестинската енклава, објави денеска Фајненшал тајмс.
„Ако се повлечеме, кој ќе преземе? Не можеме да оставиме вакуум. Мораме да размислиме каков ќе биде механизмот; има многу идеи“, изјави Херцог во интервју за ФТ.
„Но, никој нема да сака повторно да го претвори ова место, Газа, во терористичка база“, додаде тој.
Херцог рече дека израелската влада разговара за многу идеи како да управува со Газа по завршувањето на војната меѓу Израел и Хамас и додаде дека претпоставува дека САД и „соседите во регионот“ ќе бидат вклучени во повоен аранжман.
Минатата недела, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави за Еј-Би-Си Њуз дека Израел „на неодредено време“ ќе има одговорност за безбедноста на енклавата по војната, но САД се спротивставија на тоа, велејќи дека Палестинците треба да управуваат со Газа откако Израел ќе ја заврши војната против Хамас. (МИА)