Хамас како одговор на минатонеделниот предлог на Катар и Египет ја достави својата понуда за прекин на огнот во траење од 4,5 месеци, со што ќе се стави крај на војната.
Предлогот на Хамас предвидува три фази од по 45 дена. Во првата фаза би требало да се изврши размена на израелски заложници киднапирани на 7 октомври за палестински затвореници, втората фаза – да се обезбеди обнова на Појасот Газа, и третата фаза целосно повлекување на израелските сили и размена на телата на загинатите.
Хамас предлага сите израелски заложници, мажи помлади од 19 години, постари и болни ќе бидат разменети во првите 45 дена за Палестинки и малолетни лица во израелските затвори. Останатите машки заложници би биле ослободени во втората фаза, а останките на убиените заложници би биле разменети во третата фаза.
До крајот на третата фаза Хамас очекува двете страни да склучат договор за ставање крај на војната.
Милитантната група која владее со Појасот Газа во прилог на предлогот наведува дека сака ослободување на 1.500 затвореници, од кои една третина ќе бидат избрани од списокот на Палестинци осудени на доживотен затвор.
Прекинот на огнот треба да овозможи и зголемување на испораката на храна и друга помош за Појасот Газа.
По нападот на Хамас на 7 октомври, Израел почна воена офанзива во Појасот Газа. Според Израел Хамас убил околу 1.200 луѓе и киднапираше 253 лица.
Според Хамас, во израелската офанзива загинале 27.585 луѓе. Хамас не прецизира кој број се однесува на неговите борци и членови на други исламистички фракции, а кој на цивили.