Како резултат на процесот на затоплување на планетата, областа на Алпите ќе изгуби околу 34 проценти од сегашната ледена маса до средината на векот, но дури и ако затоплувањето што трае во последните децении за чудо престане, топењето ќе продолжи, велат резултатите од најновото истражување на научниците од Универзитетот во Лозана.
Проекциите, посочуваат научниците, покажуваат дека загубата на глечерите всушност би можела да биде поголема и дека, доколку се набљудуваат само промените на затоплување во последните 10 години, до 2050 година дури 65 отсто од сите ледени формации на Алпите би можеле да се стопат.
Со помош на вештачка интелигенција и нови алгоритми, швајцарските научници создадоа модел кој анализира пократок временски период и со поголема прецизност ги покажува негативните последици од глобалното затоплување и топењето на ледените површини, што, како што се наведува, значително ќе го зголеми проблемот на вода за пиење во овој дел на европскиот континент.
Според податоците на швајцарскиот информативен канал „SWI“, просечната температура во оваа земја е зголемена за два степени Целзиусови во однос на прединдустрискиот период.
Во Швајцарија има вкупно 1.500 глечери, кои се исклучително важни за обезбедување доволно количество вода за пиење. Со нивно топење оваа земја ќе изгуби 57 кубни километри вода или 15 отсто од сите залихи.
Намалените врнежи во текот на зимските месеци, како и забрзаното топење на алпските глечери, познати како водената кула на Европа, може значително да ги загрозат тековите на големите реки како што се Рајна, Дунав и По, со помал доток на вода во летните месеци. . Намалувањето на водниот капацитет на овие реки веќе има негативно влијание врз земјоделството, енергетскиот сектор, како и европскиот речен транспорт.