Главниот обвинител на Венецуела, Тарек Вилијам Сааб, кој се сметаше за симбол на репресијата за време на владеењето на Николас Мадуро, поднесе оставка помалку од два месеци по заробувањето на претседателот од страна на американската војска и во контекст на ветувањето на привремената претседателка Делси Родригез за правосудни реформи.
И покрај тоа, Сааб беше именуван за вршител на должноста заштитник на народот (омбудсман), потег што ги разгневи жртвите на репресијата за време на неговиот мандат како главен обвинител, пренесе БТА.
Под американски притисок, Родригез, која минатата недела протурка закон за амнистија и во јануари го отвори нафтениот сектор за приватниот бизнис, во последните недели смени неколку личности, меѓу кои и Алекс Сааб (кој не е во сродство со Тарек Сааб), човек од доверба на соборениот претседател Николас Мадуро.
Досегашниот омбудсман Алфредо Руис Ангуло исто така поднесе оставка и веднаш беше заменет од Сааб како вршител на должноста. Сааб, пак, привремено беше заменет на функцијата главен обвинител од адвокатот Лари Дево. Дево претходно раководеше со Националниот совет за човекови права – државен орган задолжен за координација и поддршка на политиките во оваа област.