Европската асоцијација за заштита на потрошувачите (BEUC) соопшти дека пријавила 17 авиокомпании до Европската комисија, предупредувајќи дека тие ги доведуваат во заблуда патниците со маркетиншки пораки за намалено влијание на летовите врз животната средина.
Во јуни минатата година, здружението се пожали во Брисел дека 17 европски авиокомпании изнесуваат неточни тврдења за влијанието на летовите врз животната средина во нивните маркетинг пораки, што ги прекршува европските регулативи за нефер комерцијални практики.
Претходно во текот на неделава, Комисијата објави дека почнала истрага со белгиските, холандските, норвешките и шпанските регулатори за да се утврди дали 20 авиокомпании ги заведувале патниците со неосновани тврдења за намалување на влијанието на летовите врз животната средина.
Портпаролот на Комисијата не сакаше да прецизира кои авиокомпании се под лупа со образложение дека проверката е само во прелиминарна фаза.
Европската асоцијација на потрошувачи во истиот ден во соопштението наведе ги пријавила Air Baltic, Air Dolomiti, Air France, Austrian, Brussels Airlines, Eurowings, Finnair, KLM, Lufthansa, Norwegian, Ryanair, SAS, SWISS, TAP, Volotea, Vueling и Wizz Air.
Пријавата ја поддржале здруженија на потрошувачи од Австрија, Белгија, Бугарија, Данска, Франција, Финска, Грција, Унгарија, Италија, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија, се вели во соопштението. (МИА)