Израелскиот министер и член на воениот кабинет Бени Ганц ја предупреди милитантната група Хезболах дека „она што се случува“ во северниот дел на Газа може да се случи и во јужен Либан и Бејрут.
– Знаеме како да се справиме со оние кои нè напаѓаат, како и со оние што ги испраќаат, рече Ганц на прес-конференција, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Израелските одбранбени сили утрово соопштија дека израелската авијација нападна цели на проиранската милиција Хезболах во Либан.
Борбени авиони ја погодија инфраструктурата на шиитската милиција на либанска територија, соопшти ИДФ.
Хезболах, поддржан од Иран, соопшти дека најмалку пет негови членови биле убиени во нападот. Меѓу нив бил и синот на претседателот на парламентарниот блок на Хезболах во либанскиот парламент, Мохамад Раад. Убиените биле членови на елитната единица на Хезболах Ал Радван, дознава ДПА од либански безбедносни кругови. (МИА)