Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска изјави дека Израел е посветен на враќање дома на сите заложници што ги држи Хамас во Појасот Газа.
Галант, говорејќи на комеморацијата на воените гробишта на брдото Херцл во Ерусалим за паднатите израелски војници чие последно почивалиште е непознато, рече дека посветеноста е вистинска во борбите сега и ќе важи за сите израелски војни.
„Покрај 112-те живи заложници вратени според договорот и во оперативните активности, персоналот на израелската армија (ИДФ) и Шин Бет (Израелската служба за безбедност), исто така, вратија единаесет убиени заложници за да бидат погребани во Израел“, рече министерот за одбрана.
Тој додаде дека одбранбениот естаблишмент под негово раководство е должен „да ја искористи секоја можност, вклучително и сегашната, за да ги врати заложниците кај нивните семејства“, пишуваат израелските медиуми.
Во нападите врз јужен Израел на 7 октомври, палестинските екстремисти предводени од Хамас убија околу 1.200 луѓе и киднапираа и одведоа околу 250 заложници во Појасот Газа.
После тоа, изби војна во која до денес во Газа се убиени повеќе од 31.000 Палестинци.
Се верува дека уште 130 заложници се држат во Газа.
Семејствата на заложниците протестираа синоќа во Тел Авив, како и во близина на резиденцијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим.
Тие апелираа до Владата на Израел да постигне договор за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците што е можно поскоро, за да можат сите кои биле во заробеништво 162 дена да се вратат дома.
Се очекува израелска делегација наскоро да отпатува во Катар, каде треба да продолжат преговорите за прекин на огнот.