Советот на ЕУ усвои нова регулатива за транспарентност и таргетирање на политичкото рекламирање, чија цел е да се спречи манипулирањето со информациите и странското мешање во изборите.
Регулативата треба да им олесни на граѓаните да ги препознаат политичките реклами, да дознаат кој стои зад нив и да знаат дали биле изложени на таргетирани реклами, со цел да можат да донесат одлука врз основа на веродостојни информации. Исто така, овие правила треба да обезбедат целосно почитување на правото на приватност при политичкото рекламирање, како и заштита на слободата на мислење и говор.
Новите правила се однесуваат на политичкото рекламирање при избори, референдуми или законодавен процес на ниво на ЕУ или во земја членка. Сепак, тие не се однесуваат на содржината на рекламите и на другите аспекти на политичкото рекламирање, како што е спроведувањето на кампањите, кои се регулирани со специфични национални правила на земјите членки на ЕУ.
Оние содржини за кои одговорноста е регулирана со други прописи, како личните ставови и мислења не се предмет на одредбите од оваа регулатива.
Согласно усвоените правила, политичките реклами мора јасно да бидат идентификувани како рекламна политичка содржина и да биде наведено кој е нивниот нарачател и за кој изборен или референдумски процес се однесуваат. Тие треба да содржат и информации за платените износи за нив, како и за каква било употреба на техники на таргетирање.
Кога станува збор за целно политичко онлајн рекламирање, тоа ќе биде дозволено само под строги услови. Така, се забранува користење на податоци за политичко рекламирање без експлицитна и посебна согласност, како и употреба на информации за расно или етничко потекло или за политички мислења за целно профилирање.
За да се спречи странско мешање и влијание, три месеци пред избори или референдум се забранува давање рекламни услуги на спонзори од трети земји.
Регулативата ќе стапи во сила 20 дена по објавувањето во Службениот весник на ЕУ, но повеќето од нејзините одредби ќе почнат да се применуваат 18 месеци по стапувањето во сила, односно во текот на есента 2025 година. (МИА)