Европската комисија планира следната недела да ги финализира правните процедури за заемот за Киев од 90 милијарди евра, изјави во Брисел европскиот комесар за економија Валдис Домбровскис, пренесе денеска парискиот весник „Монд“ (Le Monde) на својата веб-страница.
По позитивното гласање на Европскиот парламент и со поддршка на кипарското претседателство со Советот на ЕУ, Европската комисија има за цел да го заврши законодавниот процес следната недела, рече Домбровскис.
– Истовремено, соработуваме со украинските власти за да овозможиме брза исплата откако ќе заврши законодавниот процес, и подготвуваме финансиска стратегија и услови за тоа финансирање – додаде европскиот комесар.
Европските пратеници на пленарната седница во Стразбур на 11 февруари го одобрија заемот за Украина од 90 милијарди евра за периодот 2026-2027 година.