Шефот за хуманитарна помош на ЕУ Јанез Ленарчич денеска повика на „значајни“ паузи во борбите во Газа и итна испорака на гориво за болниците да продолжат да работат во енклавата.
„Итно е да се дефинираат и почитуваат хуманитарните паузи“, рече Ленарчич, европски комесар за управување со кризи, на состанокот на министрите за надворешни работи на Унијата во Брисел.
„Гoривото треба да биде испорачано. Како што можете да видите, повеќе од половина од болниците во Појасот Газа престанаа да работат, пред се поради недостиг на гориво, а горивото е очајно потребно“, истакна Ленарчич.
Според него, „овие паузи мора да бидат значајни“.
„Прво, тие треба да бидат објавени многу пред имплементацијата за да можат организациите да се подготват да ги искористат. Второ, тие треба да бидат јасно дефинирани временски“, рече Ленарчич.
Апелот беше објавен додека борбите меѓу израелските и силите на Хамас беснеат околу најголемата болница во Газа, која стана фокус во петнеделната војна.
Министерството за здравство со кое раководи Хамас денеска соопшти дека болниците во центарот на најтешките борби во северна Газа се принудени да ја прекинат работата.