Европската комисија денеска презентираше збир на можни активности за поттикнување на иновациите, безбедноста и еластичноста на дигиталната инфраструктура на ЕУ, со цел да се зајакне конкурентноста на европската економија преку користење на напредни дигитални мрежни системи и услуги.
-Брзото, безбедно и широко распространето вмрежување е од суштинско значење за распоредување на технологиите што ќе не донесат во светот на иднината преку телемедицина, автоматизирано возење, предвидливо одржување на зградите или прецизно земјоделство, посочи Европската комисија.
Идејата на овој предлог, насловен „Како да се задоволат европските потреби за дигиталната инфраструктура?“, е да се поттикне дискусија за конкретни предлози со засегнатите страни, земјите членки на ЕУ и партнерите за обликување на идните политички активности на Унијата. Предлогот ги анализира предизвиците со кои се соочува ЕУ при ширењето на идните мрежи за поврзување и ги презентира можните сценарија за привлекување инвестиции, поттикнување иновации, зголемување на безбедноста и постигнување вистински единствен дигитален пазар.
– ЕУ треба да поттикне енергична заедница на европски иноватори, унапредувајќи го развојот на интегрираното поврзување и интегрирана компјутерска инфраструктура, наведува Комисијата.
Со предлогот се предвидува создавање на Поврзана заедничка компјутерска мрежа (3Ц), која треба да постави интегрирани инфраструктури и платформи, кои би можеле да се користат за поттикнување на развојот на иновативни технологии и апликации за вештачка интелигенција за различни случаи на употреба.
-ЕУ мора да го искористи целосниот потенцијал на единствениот дигитален пазар за телекомуникациите, со разгледување на мерки за да се обезбеди вистинска рамноправна игра и да се преиспита опсегот на примена и целите на нејзината сегашна регулаторна рамка, додава ЕК.
Предлогот има за цел да ја подобри координацијата во ЕУ преку проценка и ублажување на безбедносните ризици, воспоставување алатки за безбедност на кабелските мрежи и рационализација на процедурите за издавање дозволи.
Предвидено е консултациите околу зајакнување на дигиталната инфраструктура да завршат до 30 јуни 2024 година, по што врз основа на добиените предлози ќе се работи на подготовка на идните политички активности. (МИА)