Европската унија го осуди денеска лансирањето балистичка ракета со среден дострел од страна на Северна Кореја, за која Пјонгјанг тврди дека е опремена со хиперсонична боева глава.
„Со ова се прекршуваат неколку резолуции на Советот за безбедност на ОН и дополнително се зголемуваат тензиите на Корејскиот полуостров“, се вели во изјавата на портпаролот на ЕУ, објавена на веб-страницата на Европската служба за надворешни работи.
ЕУ ја повика Северна Кореја да ги прекине, како што рече, „незаконските и ескалирачки акции и да прифати понуди за дијалог“ од главните страни, велејќи дека тоа е единствениот начин за одржлив мир и безбедност на Корејскиот полуостров.
Во исто време, таа изрази целосна солидарност со нејзините партнери во регионот, особено со Јужна Кореја и Јапонија.
Северна Кореја претходно соопшти дека тестирала нова хиперсонична ракета со среден дострел, дизајнирана да погоди далечни цели во Пацификот. (МИА)