Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган повика на итен прекин на насилството на Блискиот Исток во телефонски разговор со индонезискиот претседател Прабово Субијанто.
„Спиралата на насилство, која започна со нападите врз Иран и се прошири во земјите од Персискиот Залив, мора веднаш да се прекине“, се наведува во соопштението на турската Дирекција за комуникации, во која се цитира турскиот претседател.
Ердоган ги осуди, како што ги нарече, израелските провокации насочени кон џамијата Ал-Акса, оценувајќи ги како „неприфатливи“.
Тој посочи дека е важно муслиманските заедници да не молчат пред, како што рече, заканите кон светилиштето и ограничувањето на пристапот до него.
Двајцата претседатели разговарале и за билатералните односи, како и за регионалните и глобалните случувања.(МИА)