Британското Министерство за енергетска безбедност и нето нулта емисија на јаглерод им советуваше на пабовите, рестораните и хотелите во Велика Британија да ги исклучуваат фрижидерите за пиво и електричните печки преку ноќ за да ги намалат трошоците за енергија.
Новата онлајн алатка, која ја претстави британското министерство, дава препораки до фирмите како да избегнат непотребна потрошувачка на струја, вклучувајќи го и следењето на „енергетските жаришта“ како што се системите за вентилација, печките и осветлувањето. Целта е да се намалат трошоците на работењето во услови на раст на цените на енергијата, пренесува британскиот портал LBC. Порастот на цените на енергијата поради конфликтот на Блискиот Исток би можел, според извештаите, да ги зголеми годишните трошоци на пабовите за околу 170 милиони фунти (околу 195,5 милиони евра).
Во изминатиот период, цените на нафтата пораснаа од просечни 73 долари по барел на над 100 долари, предизвикувајќи стравувања од глобална енергетска криза. Во рамките на пробната програма, еден паб во Бромли ја намалил потрошувачката на енергија за 26 отсто, додека помал паб во Катерам забележал пад од 66 отсто, што носи заштеди од неколку илјади фунти годишно.
Британското министерство тврди дека алатката за намалување на емисијата на јаглерод веќе ги намалиле сметките за оние кои учествувале во тестирањето за 48 фунти неделно, а планирано е проширување на програмата на уште 525 претпријатија.
Британскиот министер за енергетска безбедност, Ед Милибанд, истакна дека Владата планира понатамошни мерки за заштита на потрошувачите и намалување на трошоците, нагласувајќи ја потребата за преминување на чиста и домашна енергија за да се намали зависноста од нестабилните пазари на фосилни горива. – Како што покажува моменталниот конфликт на Блискиот Исток, мораме да одиме понатаму и побрзо за да изградиме чиста енергија која ни е потребна за да се ослободиме од нестабилните пазари на фосилни горива и да обезбедиме енергетска безбедност за нашата земја – рече тој.
Како што наведе, глобалната ситуација покажува дека „немаме време за губење во нашиот стремеж кон чиста енергија, бидејќи не може да има енергетска безбедност додека сме толку зависни од фосилните горива“.
Фирмите, за разлика од домаќинствата, не се заштитени со ограничување на цените од страна на регулаторот Ofgem, што ги остава изложени на промените на големопродажните трошоци.
Британскиот министер за индустрија, Крис Макдоналд, исто така оцени дека конфликтот на Блискиот Исток е уште еден потсетник дека единствениот пат кон енергетски суверенитет е „крај на зависноста од пазарите на фосилни горива кои не ги контролираме“ и премин кон чиста домашна енергија. (МИА)