Едно лице загина, а најмалку 40 лица се повредени во судар на два патнички воза во Перу, на дел од железничката пруга во близина на Мачу Пикчу.
Во несреќата, која се случи синоќа, загина машиновозачот на еден од возовите, Роберто Карденас, а како што изјави здравствен службеник, најмалку 20 повредени лица се во сериозна состојба.
Двата воза се судрија на единствената железничка линија што води до древниот град на Инките, соопшти локалната самоуправа, а причината за несреќата сè уште не е разјаснета, објави денеска Би-Би-Си.
Локалниот медиумски портал Перу21 објави дека стотици туристи на местото на несреќата чекаат евакуација, што е комплицирано поради тешката пристапност на теренот околу локацијата.
Во соопштението се вели дека 20 амбулантни возила пристигнале на местото на настанот, а повредените се однесени во медицински установи во блискиот град Куско.
Амбасадата на САД во Перу соопшти дека меѓу повредените има американски државјани, но полицијата сè уште не ги потврдила идентитетите на сите вклучени во инцидентот.
Според концесионерот на железницата, во судирот учествувале возови од PeruRail и IncaRail, а полициски извори изјавија дека возачот кој починал бил вработен во IncaRail.
Снимките од местото на несреќата покажуваат дека предните делови на двата воза се сериозно оштетени, додека патниците со багаж биле згрижени покрај пругите.
PeruRail испратил три празни вагони за да ги евакуира повредените и патниците кои биле заглавени на пругите, додека полицијата испратила единици за итни случаи и планинско спасување за да им помогнат на патниците.
Регионалната влада на Куско активирала протоколи за итни случаи за да им помогне на повредените и патниците. (МИА)