Свет Писмо

Донахју: Силната економија на Еврозоната е сидро за стабилноста и безбедноста на Европа

-Императив во обезбедувањето стратешката автономија на Европа е овозможувањето на дигитално европско решение за плаќања, смета ирскиот министер, додавајќи дека на ЕУ и треба амбиција, имплементација и влијание. 

Донахју: Силната економија на Еврозоната е сидро за стабилноста и безбедноста на Европа

За да се задоволат идните потреби за финансирање, ЕУ мора да премине од зборови на дела и да ја реализира идејата за Унија на пазарите на капитал, посочува претседателот на Еврогрупата и ирски министер за финансии Паскал Донахју во писмо упатено до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

-Економијата на Еврозоната останува отпорна во услови на глобална неизвесност. Силната економија на Еврозоната е сидрото за стабилност и безбедност на нашиот континент, наведува Донахју во пропратното писмо на Извештајот за досегашната работа и идните приоритети на Еврогрупата, кој треба да биде разгледан на претстојниот Самит на ЕУ закажан за 20 и 21 март.

Според Донахју, одржувањето стабилни јавни финансии во ЕУ е клучно за обезбедување на ресурсите што и се потребни за реализација на стратешки приоритети.

-Императив во обезбедувањето стратешката автономија на Европа е овозможувањето на дигитално европско решение за плаќања, смета ирскиот министер, додавајќи дека на ЕУ и треба амбиција, имплементација и влијание.

Во Извештајот, во кој се прави преглед и на економската ситуација во Еврозоната, се нагласува важноста на фискалната политика и координација, на координираната стратегија за подобрување на конкурентноста и на зајакнувањето на продуктивноста и растот.

Според документот, клучен двигател во натамошно економско зајакнување на Европа и одржување на нејзината стратешката автономија би било продолжување на реализацијата на идеите за создавање на единствена Унија на пазари на капитал, како и за воведување дигитално евро.

Еврогрупата ја сочинуваат министерите задолжени за финансии на земјите членки на ЕУ, кои како валута го користат еврото. (МИА)

To top