Свет АКСИОС

Директорот на ЦИА утре ќе допатува во Париз заради разговори за ослободување на преостанатите заложници во Газа

Главното прашање околу кое нема согласност е во врска со бројот на палестински затвореници што треба да бидат ослободени во замена за заложниците и методологијата за избор на поединци за почетната фаза на потенцијалниот договор во три чекори.

Директорот на ЦИА утре ќе допатува во Париз заради разговори за ослободување на преостанатите заложници во Газа

Директорот на ЦИА Вилијам (Бил) Брнс, се очекува утре да пристигне во Париз на разговори со катарските, египетските и израелските власти за напорите да се постигне договор за да се обезбеди ослободување на заложниците кои ги држи радикалното палестинско движење Хамас во Газа, јави информативната веб-страница Аксиос, повикувајќи се на два извори.

Претставниците на администрацијата на Џо Бајден имаат за цел да склучат договор пред почетокот на Рамазан за помалку од три недели за да обезбедат привремен прекин на огнот за време на светиот месец Рамазан.

Главното прашање околу кое нема согласност е во врска со бројот на палестински затвореници што треба да бидат ослободени во замена за заложниците и методологијата за избор на поединци за почетната фаза на потенцијалниот договор во три чекори.

Инаку, Брнс претходно беше испратен лично од американскиот претседател Џо Бајден за да преговара за ослободување на заложниците во Каиро, на 13 февруари. Таму беа и шефот на израелската разузнавачка служба Мосад, Дејвид Барнеа, директорот на израелската безбедносна агенција Шин Бет, Ронен Бар, како и премиерот и министер за надворешни работи на Катар, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани. На крајот на минатиот месец, по преговорите во француската престолнина, со посредство на официјални претставници на САД, Египет, Катар и Израел беше постигнат рамковен договор. Целта беше да се олесни ослободувањето на заложниците и да се прогласи шестнеделна пауза во непријателствата.

Конфликтот во Газа започна откако исламистичката група Хамас изврши напад во јужен Израел на 7 октомври, а според израелските податоци, нејзините борци убиле речиси 1.200 луѓе, а зеле околу 250 заложници. Дел од заложниците се мртви, а дел се разменети за палестински затвореници. Се верува дека во Газа се наоѓаат уште 101 заложник.

По нападот на Хамас, Израел почна офанзива во енклавата под контрола на Хамас, а според палестинското Министерство за здравство, досега се убиени повеќе од 29.000 Палестинци.  (МИА)

To top