Десетици демонстранти беа уапсени денеска во Њу Делхи, со цел да бидат спречени да стигнат до резиденцијата на премиерот Нарендра Моди.
Околу 300 приврзаници на опозицискиот лидер Арвинд Кејривал се собраа на протест пред Парламентот на Индија и побараа тој да биде ослободен. Кејривал беше уапсен минатата недела поради наводен поткуп.
Полицајци ги опколија демонстрантите и приведоа некои од нив.
„Да живее Кејривал!“ скандираа демонстрантите додека полицијата ги влечеше до автобусите со кои ги транспортираше во притвор. Тие најверојатно ќе бидат ослободени подоцна денеска.
Кејривал, еден од најистакнатите политичари во земјата и во изминатата деценија главен ривал на Моди, беше уапсен на 21 март.
Оттогаш, властите забранија собири на повеќе од четири лица во областа, која е дом на речиси сите клучни владини институции.
Тој и неговата партија Аам Адми (Партија на обичниот народ) се обвинети за примање мито од милијарда рупии (12 милиони долари) од добавувачи на алкохол пред речиси две години. Партијата ги отфрли обвинувањата, велејќи дека тие биле измислени од федерална агенција контролирана од владата на Моди. (МИА)