Лидерот на Хамас, Јахја Синвар можеби наредил ликвидација на сите преживеани израелски заложници во случај на негова смрт, предупреди висок израелски функционер вклучен во преговорите со палестинските терористи.
Синвар беше ликвидиран минатата среда, кога израелските одбранбени сили (ИДФ) случајно го открија во Појасот Газа, објави „Дејлимејл“.
Сега Гершон Баскин, израелскиот преговарач кој го надгледуваше ослободувањето на Синвар од израелскиот затвор во 2011 година, заедно со уште 1.026 палестински затвореници во замена за ослободувањето на киднапираниот израелски војник Гилад Шилат, вели дека неговата смрт е „или можност за ослободување на заложниците или момент на очај.“
„Смртта на Синвар е момент на пропаст бидејќи има гласини дека тој им наредил на луѓето што ги криеле киднапираните заложници да ги ликвидираат во случај да биде убиен“, рече Баскин.
Се верува дека околу сто израелски заложници сè уште биле во Појасот Газа во моментот кога бил убиен Синвар. Околу 60 од нив се уште се живи.
„Оние кои преживеаја се изложени на ризик никогаш да не бидат вратени во нивните семејства“, пренесува Хаарец, кој во неделата објави дека високи американски претставници, вклучително и државниот секретар Ентони Блинкен, оцениле дека има „мали шанси да се постигне договор“, со оглед на тензиите меѓу Израел и Хамас.
Ова го потврдил и висок израелски функционер, неколку дена по смртта на Синвар:
„Во моментов нема сериозни преговори за примирје, а Блинкен е целосно свесен за тоа. Нејасно е како смртта на Синвар ќе влијае на какви било потенцијални преговори, доколку ги има во овој момент.“
Гершон Баскин, исто така, наведува дека не е можно да се потврди дали Синвар дал наредба да се убијат заложниците, но дека гласините треба да се сфатат сериозно, со оглед на тоа колку Хамас се чини дека не е загрижен за нив.
Како пример, тој го наведе ужасното убиство на шест заложници во тунелите под Рафа, што се случило на крајот на август.
‘This could be a moment of doom’: Hamas leader Yahya Sinwar may have left orders to MURDER every hostage if he was killed, Israeli negotiator says https://t.co/6EmKyQA0y8 pic.twitter.com/YErA1CZEjj
— Daily Mail Online (@MailOnline) October 22, 2024
Портпаролот на израелската војска контраадмирал Даниел Хагари рече дека шесте заложници биле „сурово убиени од Хамас, непосредно пред израелските војници да стигнат до нив“.
Тие се идентификувани како Еден Јерушалми (24), Кармел Гат (39), Алмог Саруси (26), Алекс Лубнов (26), Ори Данино (25) и Херш Голдберг-Полин (23). Петмина од нив биле киднапирани на музичкиот фестивал „Нова“, додека Кармел Гат била киднапирана од куќата во кибуцот каде што живеела.
Херш Голдберг-Полин ја загубил раката во експлозија на граната за време на масакрот на музичкиот фестивал.
„Видовме шест убиени заложници кога ИДФ влегуваше во тунелот. Таква може да биде ситуацијата сега. Едноставно не знаеме“, рече Баскин.
Тој рече дека враќањето на заложниците зависи исклучиво од тоа дали Израел може да постигне договор со Хамас.
„Тоа е погоден момент во кој Израел треба да издаде многу јасна порака дека секој што ќе држи заложници и ќе ги ослободи ќе добие бесплатен премин за себе и за нивните семејства од Газа во друга земја, како и многу пари“, рече тој и продолжува:
„За да ги охрабри да го сторат тоа, Израел треба да допре до Египет и Катар и да им каже брзо да ги продолжат преговорите, не за договор за кој се преговара речиси четири месеци без успех, туку за договор што ќе донесе побрзо враќање на заложниците и што очигледно би барало Израел да ја прекине војната“.
Тој рече дека договорот најверојатно ќе значи ослободување на палестинските затвореници, што е точка на спор за многу Израелци, кои веруваат дека нивното ослободување едноставно ќе доведе до друг напад во иднина, сличен на оној на 7 октомври.
Но, Баскин рече дека е грешка да се размислува на тој начин:
„Нападот на 7 октомври не беше поради Синвар. Тоа беше затоа што окупиравме народ веќе 56 години, не дозволувајќи им да веруваат дека некогаш ќе бидат ослободени, или затворавме два милиони луѓе во Газа во сиромаштија и им кажувавме дека тие никогаш нема да бидат слободни да ја напуштат Газа“.
Тој рече дека се надева оти смртоносниот напад на крајот ќе ги принуди Израелците „да се соочат со заблудата да ја засноваат својата политика кон Палестинците на воена сила“.
„За Палестинците, лекцијата што треба да ја научат е дека мора да се откажат од вооружената борба како дел од нивната стратегија за ослободување. Правилно или погрешно, вооружената борба првенствено носи смрт и уништување. Секој човек што живее меѓу реката и морето мора да ги има истите права како и сите други, врз основа на тој принцип, можеме да напредуваме со слобода, самоопределување, безбедност и достоинство за секого“, заклучува Баскин.