Најмалку седум цистерни со гориво денеска влегоа во Појасот Газа преку граничниот премин Рафа кон Египет, по примирјето меѓу Израел и Хамас што стапи во сила во седум часот утринава.
Пред стапувањето во сила на примирјето на граничниот премин застанала голема колона камиони што превезувале помош на палестинска територија.
Одделот за активности на териториите на Министерството за одбрана на Израел (COGAT) соопшти дека четири цистерни со гориво и четири цистерни со гас за домаќинство влегле во Газа од Египет.
Како што се наведува, горивото е наменето за работа на „основната хуманитарна инфраструктура во Газа“.
Испораката ја одобри Владата на Израел како дел од договорот кој предвидува ослободување на некои од заложниците кои се држат во Газа во замена за палестински затвореници.
Засега не се знае каква друга помош ќе биде доставена до Газа за време на четиридневното примирје.
Се очекува примирјето да обезбеди барем одредено олеснување за жителите на Газа изложени на израелско бомбардирање од 7 октомври, кога почна војната, како и за семејствата во Израел чии членови беа киднапирани и земени како заложници во Газа.
Израел се согласи да дозволи испорака на 130.000 литри гориво дневно во Газа за хуманитарни цели за времетраењето на прекинот на огнот. Ова е двојно повеќе отколку што беше претходно одобрено.
Од почетокот на војната, Израел генерално не дозволува испорака на гориво, тврдејќи дека исламскиот екстремистички Хамас ќе го користи за воени цели. (МИА)