Свет

Борел се надева дека наскоро ќе биде договорен прекин на огнот во Газа

„Постојат преговори кои сè уште се во тек и сите се надеваме дека може да се постигне договор во наредните денови“, изјави тој за шпанското јавно радио РНЕ.

Борел се надева дека наскоро ќе биде договорен прекин на огнот во Газа

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел денеска изрази надеж дека наскоро може да се постигне прекин на огнот во актуелниот конфликт во Газа.

„Постојат преговори кои сè уште се во тек и сите се надеваме дека може да се постигне договор во наредните денови“, изјави тој за шпанското јавно радио РНЕ.

За неговиот разговор со американскиот државен секретар Антони Блинкен за време на вчерашната посета на Вашингтон, Борел рече дека САД инсистираат на ослободување на сите израелски воени заробеници од Хамас за прекинот на огнот да биде траен.

Во врска со тековните напори за испраќање поголема хуманитарна помош во Газа, тој рече: „Пред војната влегуваа по 500 камиони на ден, ако нема друга опција, подобро по море отколку ништо. Но, да бидеме реални, конвој од 500 камиони не може да се замени со фрлање храна со падобран“.

Повеќе од 31.000 Палестинци, претежно жени и деца, се убиени во Газа, а над 73.000 се повредени во израелските напади по воздух и копно.

Израелската офанзива, која следуваше по упадот на Хамас во Израел во кој беа убиени 1.200 лица и земени заложници, принуди 85 отсто од населението во Газа да биде внатрешно раселено. Освен нападите од изрелската војска, тамошното население се соочува со невозможни услови поради блокадата на помошта во храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, според ОН.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП). Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре нападите и да преземе мерки за да се гарантира хуманитарна помош за цивилите во Газа.

Најнови вести од Свет

To top