Свет

Борел предупредува на брзо ширење на детската парализа во Појасот Газа

Борел предупредува на брзо ширење на детската парализа во Појасот Газа

Високиот претставник на Европска Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел денеска предупреди на брзото ширење на детската парализа во Појасот Газа, нагласувајќи ја потребата од прекин на огнот за да им се овозможи на децата да се вакцинираат против болеста.

– Брзото ширење на детската парализа им се заканува на децата во Газа, веќе ослабени поради раселување, лишување и ненахранетост, објави Борел на Икс.

Тој повика на итен тридневен прекин на огнот, независно од пошироките преговори, за да им се овозможи на Светска здравствена организација и УНИЦЕФ да спроведат вакцинација.

На 16 август, Министерството за здравство на Газа го објави првиот потврден случај на детска парализа во Појасот Газа во изминатите 25 години. Заболено е десетмесечно бебе кое нема примено ниту една доза од вакцината против детска парализа.

Болеста примарно ги погодува децата на возраст под пет години, а една од 200 инфекции доведува до неповратна парализа. Според СЗО од пет до десет проценти од парализираните умираат поради нефункционалност на нивните респираторни мускули.

To top