Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска (7 февруари) е во Израел каде се очекува да се обиде да постигне договор за примирје во војната на израелската армија против Хамас, која влезе во петтиот месец.
Тој ќе се сретне со израелските лидери како дел од „кризната“ турнеја на Блискиот Исток, откако веќе ги посети Саудиска Арабија, Египет и Катар.
Катар, кој посредуваше за привремен прекин на огнот на крајот на ноември, соопшти дека Хамас одговорил на предлогот за нов договор за прекин на огнот во Газа. „Одговорот вклучува некои приговори, но генерално е позитивен“, рече катарскиот премиер Мухамед бин Абдулрахман Ал-Тани по средбата со Блинкен во Доха.
Блинкен рече дека му го пренел одговорот на Хамас на Израел и дека за него ќе се разговара денеска, додавајќи дека има уште многу работа, но и изрази уверување дека „договор е можен и всушност клучен“.
Израелската разузнавачка агенција „МОСАД“, исто така, го добила одговор од Хамас, соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, посочувајќи дека „деталите се темелно проценети“.
„Ние сме на пат кон целосна победа и нема да застанеме“, изјави вчера Нетанјаху, кој се уште директно не го коментирал одговорот на Хамас.
Минатата недела, извор од Хамас рече дека предложениот прекин на огнот предвидува шестнеделна пауза за размена на израелски заложници за палестински затвореници и поголема помош за Газа.
Во понеделникот (5 февруари) Нетанјаху рече дека Хамас бара она што Израел нема да го прифати, зборувајќи за барањето за размена на илјадници палестински затвореници.