Американскиот државен секретар Ентони Блинкен кон крајот на неделата ќе отпатува на Блиски Исток, петти пат од почетокот на војната помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, соопштија Белата куќа и Стејт департментот.
Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби и претставник на Стејт департментот изјавија дека Блинкен ќе отпатува за Блискиот Исток за да разговара за повоената реконструкција и управување со Појаст Газа, како и за зголемување на хуманитарна помош за Палестинците, ослободување на заложниците и спречување на ширењето на конфликт во регионот.
– Овие преговори, нашите преговори, се многу, многу активни. Ние веруваме дека разговорите беа продуктивни. Тие се движат во вистинската насока, посочи Кирби алудирајќи на неодамнешната средба меѓу директорот на ЦИА, Вилијам Барнс со високи израелски и египетски разузнавачи и премиерот на Катар, Мохамед бин Абдулрахман Бин Џасим Ал Тани, што се одржа минатиот викенд.
Кирби додаде дека Блинкен се враќа во регионот на крајот на неделата, а претставник на Стејт департментот наведе дека патувањето ќе се реализира во наредните денови, но без да наведе детали бидејќи патувањето сè уште е во фаза на планирање.
Блинкен за време на претходните посети престојуваше во Израел, Јордан, Египет, Катар, Саудиска Арабија, Бахреин, Обединети Арапски Емирати, Турција, Ирак и Западен Брег.