Шефот на американската дипломатија, Антони Блинкен, на вчерашната средба со израелскиот министер за одбрана Јоав галант изјави дека САД се противат на офанзивата во Рафа.
Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, изјави дека на средбата Блинкен нагласил дека „постојат и други решенија освен копнена инвазија од големи размери, која подобро ќе ја обезбеди безбедноста на Израел и ќе ги заштити палестинските цивили“.
Средбата меѓу Блинкен и израелскиот министер за одбрана се одржа во Вашингтон, истиот ден кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја откажа посетата на израелската делегација на високо ниво на САД.
Тоа беше реакција на воздржаноста на САД на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, со која се бара итен прекин на огнот во Газа.
„Сигурен сум дека ќе најдеме други начини да ја изразиме нашата загриженост“ за офанзивата, која би претставувала „огромни“ ризици за цивилите, изјави претходно вчера портпаролот на Стејт департментот.
Според него, израелската Влада не претставила кохерентен план за евакуација на 1,4 милиона лица во Рафа. Повеќето од нив побараа засолниште таму откако избегаа од бомбардирањето во северниот дел на Газа.