Од седум белгиски министерки, три изразија солидарност со жените во Појасот Газа и испратија порака дека е неопходн итен прекин на огнот и пристап до хуманитарната помош.
Министерката за развојна соработка Каролин Генез, министерката за одбрана Лудивин Дедондер и министерката за надворешни работи Хаџа Лахбиб (Хаџа) изразија поддршка и солидарност со жените во Појасот Газа.
– Важно е да им се пренесе пораката на жените во Газа да останат силни. Продолжете да го штитите вашето достоинство. Одржувајте ги вашите деца во живот. Светот се гордее со Вас, изјави Генез.
Додека, Дедондер истакна дека е важно да се испрати порака до жените во Газа за да знаат дека не се сами во големата трагедија што им се случува. Таа додаде дека белгиското Министерство за одбрана соработувало со Јордан и испратило хуманитарна помош која ќе биде доставена во Појасот Газа преку воздух.
– Се надеваме дека ќе можеме да им помогнеме и по копно, преку гранични премини и со камиони, посочи Дедондер.
Лахбиб наведе дека „нејзина единствена порака до Газа е да се обезбеди итен прекин на огнот и да се запре војната“.
Најмалку 8.900 жени се убиени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година.
Според Обединетите нации (ОН), околу еден милион жени и девојчиња се раселени, а повеќе од три илјади жени останале без сопрузи и морале да преземат одговорност за своите семејства.
Известувачите на ОН истакнуваат дека бремените жени имаат сè поголем број спонтани абортуси, други морале да се породат со царски рез без лекови против болки и анестезија, а мајките не можат да ги дојат своите бебиња поради глад и жед. (МИА)